Европол разби голема хакерска мрежа

Голема меѓународна операција против кибер криминал, наречена Операција ENDGAME, сериозно ги погоди глобалните мрежи за откупни софтвери (ransomware), соопштија Европол и Евроџаст.
Во периодот од 19 до 22 мај, властите од повеќе земји укинаа околу 300 сервери ширум светот, неутрализираа 650 домени, издадоа 20 меѓународни налози за апсење и запленија 3,5 милиони евра во криптовалути.
Оваа операција е продолжение на најголемата меѓународна акција против ботнети од мај 2024 година. Овојпат фокусот беше на малициозен софтвер за почетен пристап (initial access malware) – алатки кои хакерите ги користат за незабележано да влезат во системот и да подготват терен за напади со откупни софтвери.
Нападите со откупни софтвери се форма на кибернетички криминал во која напаѓачите ги заклучуваат податоците на жртвата и бараат откуп во замена за повторно отклучување. Вообичаени цели се болници, училишта, компании и локални власти.
Малициозниот софтвер (malware) е општ назив за злонамерен софтвер кој се користи за инфилтрација, кражба на податоци или саботажа на компјутерски системи.
– Го погодивме самиот извор на нападите – истакна Европол.