
Европол, заедно со безбедносните сили од околу 30 земји, заплени стока вредна 11,1 милиони евра во операција против трговијата со фалсификувани и нелегални лекови кои се продаваат преку Интернет и недозволени допинг супстанции. Уапсени се 418 лица.
Според соопштението на Европол, запленети се 426.016 пакувања со нелегални лекови и над 4.683.426 таблети и апчиња.
Безбедносните сили спроведоа 4.083 антидопинг контроли како дел од истрагата за 52 организирани криминални групи.
Операцијата беше предводена од француските, грчките, италијанските и шпанските власти, а координирана од Европол.
„Лажните лекови со кои се тргува во ЕУ се во пораст, што носи огромна цена за поединецот и општеството“, велат од агенцијата.
„Фармацевтскиот криминал има директно влијание врз јавното здравје и безбедност, бидејќи влијае на поединците, заедниците и националните здравствени системи“, се вели во извештајот.
Извор: EUROPOL