Европратеник: На 17 ноември нема да се донесе одлука за почеток на преговори со С. Македонија

На 17 ноември очигледно нема да се донесе одлука за почеток на преговорите со С. Македонија. Јас не би го нарекол ова вето, туку одложување, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, пренесува БГНЕС.
„Одложување на процесот, но сето тоа зависи од Скопје. Ако одлучат да го променат своето мислење, да престанат да ја фалсификуваат историјата и да користат говор на омраза, тогаш ќе има друго решение. Меѓутоа, малку е веројатно дека тоа ќе се случи во следните денови“, вели Ковачев.
Европратеникот, наведува БГНЕС, не сака да каже краен рок кога би можело да се најде решение, но не исклучува Северна Македонија да ги почне преговорите во едно од следните две претседателства на ЕУ односно во текот на 2021 година.
Тој истакнува дека бугарската позиција е иста во текот на години, а од потпишувањето на Договорот за добрососедство, Македонија имала три години да ја промени својата политика.
„Во Договорот е запишано дека имаме заедничка, а не споделена или паралелна историја, нешто на што инсистираат Македонците. Тие нема од што да се плашат и да бегаат од вистината. Признавањето на историската вистина нема да го промени нивниот современ идентитет“, изјавил Ковачев за телевизијата „БГ Он еар“, а пренесува БГНЕС.