
Европскиот парламент на денешното продолжение на овонеделното заседание во Стразбур треба да гласа за одобрување на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен со мандат за следните пет години.
Сесијата ќе започне со тричасовна дебата на европратениците со Фон дер Лајен околу составот и програмата за работа на новата Европска комисија, по чие завршување ЕП ќе треба да гласа за нејзино одобрување во пакет.
За да биде одобрена, новата Европска комисија треба да добие мнозинство од гласовите на европратениците што ќе учествуваат во гласањето.
Одобрувањето следи откако во периодот помеѓу 4 и 12 ноември, сите кандидати за членови на ЕК беа сослушувани од страна на ресорните комитети на Европарламентот околу соодветноста и способноста да ги извршуваат должностите поврзани со ресорите што им се доделени, по што беа потврдени нивните номинации.
Согласно процедурите во Европската Унија по одобрувањето на новата Еврокомисија од страна на европратениците, Советот на ЕУ со квалификувано мнозинство гласови формално ги назначува еврокомесарите. Се очекува целата постапка да заврши до крајот на месецов, со што новата Еврокомисија ќе стапи на должност на 1 декември.