Европратениците ги избришаа термините македонски јазик и идентитет од Извештајот

Европратениците ги избришаа термините македонски јазик и идентитет од Извештајот за напредокот на Македонија подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц, а во конечната верзија на документот, која беше усвоена, не се спомнати македонски јазик и македонски идентитет. Заедничкиот амандман за бришење на македонскиот јазик го предложија европратениците од Европската народна партија, Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи и Европската обнова.
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Вајц, рече дека прифаќањето на идентитетот и јазикот на една држава не треба да биде проблем, но дека ја почитува демократската одлука на мнозинството во Парламентот. Во извештајот се нагласува дека преговорите можат да започнат откако земјата ќе спроведе уставните измени.
„Амандманите дојдоа од четири групи и не мислам дека тоа беше грешка. Но, преку демократски процес беше одлучено дека овие теми нема да бидат опфатени во овој извештај и мислам дека тоа е демократска одлука што морам да ја прифатам“, рече Вајц.
Вајц рече дека земјата спроведе голем број реформи и промени неколку закони, но дека сè уште има работа што треба да се направи.
„Извештајот зборува за реформите што сè уште треба да се направат, за ситуациите во земјата што се уште се далеку од европските стандарди, зборува за владеењето на правото и независноста на судството, зборува за борбата против корупцијата. Ниту една од овие земји не е ослободена од корупција, но прашањето е дали постојат институции што можат ефикасно да се борат против секојдневната корупција, но и против корупцијата на високо ниво. Разговаравме и за еколошките стандарди. Оваа земја е прекрасна земја со прекрасни природни ресурси, но и недостасува управување со отпад, управување со канализација, има големо загадување на воздухот, за што граѓаните многу се жалат“, рече Вајц.
Фатлуме Дервиши