Европратениците го одобрија заемот од 35 милијарди евра за Украина

Европскиот парламент на денешното заседание во Стразбур со 518 гласа „за“, 56 „против“ и 61 „воздржан“ го одобри новиот пакет за макрофинансиска помош за Украина, наречен Украинскиот механизам за заемна соработка, кој предвидува исплата на заем за земјата во износ до 35 милијарди евра.
Заемот е дел од пакетот договорен на ниво на Г7 во јуни годинава за финансиска помош за Украина во вкупен износ од околу 45 милијарди евра (50 милијарди американски долари).
Сумата што ќе ја исплати ЕУ би можела да биде и помала во зависност од висината на заемите што ќе ги доделат другите партнери на Унијата од Г7.
Предвидено е сервисирањето и отплатата на заемот да се врши од идните приходи од профитите од замрзнатите средства на руската Централна банка во ЕУ. Средства од позајмицата ќе и се исплаќаат на Украина до крајот на 2025 година.
Исплатата на средствата од заемот е условена со „континуирана посветеност“ на Украина на одржувањето на ефикасни демократски механизми, почитување на човековите права и спроведување на условите утврдени во Меморандумот за разбирање.