
Европската унија доби нова „влада“. Европаламентарците денес гласаа да и дадат втор петгодишен мандат на Германката и досегашна претседателка на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и на нејзиниот тим што треба да ја води ЕУ наредните, како што се очекува тешки и турбулетни години. Вешта, како што се покажа изминатите години, Лајен обезбеди гласање за целата комисија одеднаш а не поединечно за еврокомесарите што претходно беше можност за разните политички групи во ЕП да ги вежбаат на н ив „мускулите“.
Веќе од оваа недела новата Европска комисија ќе започне со својата работа бидејќи брзото преземање на надлежностите стана императив за Брисел, во време кога ЕУ се соочува со многу комплексни прашања, од војната во Украина, изборот на Доналд Трамп како претседател, големата миграција, можната енергетска криза, внатрешни проблеми со демократијата и други проблеми поврзани со политичката нестабилност во клучните држави на ЕУ. Откако Емануел Макрон помина лошо на изборите во Франција, откако падна владата на Олаф Шолц и е турбулентно и опстојувањето на шпанскиот премиер Педро Санчез Брисел брза да обезбеди барем стабилност – на европско ниво.