
Европската федерација на новинари (ЕФЈ) одлучи да не објавува ништо на платформата Икс на Илон Маск од 20 јануари 2025 година, кога Доналд Трамп официјално ќе стане 47-ми претседател на САД.
„Како и многу европски медиуми и новинарски организации, ЕФЈ смета дека повеќе не може етички да учествува во социјалната мрежа која нејзиниот сопственик ја претвори во дезинформативна и пропагандна машина. Не можеме да продолжиме да учествуваме во социјалната мрежа на човек кој прогласи смрт на медиумите, а со тоа и на новинарите“, рече претседателката на ЕФЈ, Маја Север.
Според неа, социјалната мрежа Икс станала вектор за теории на заговор, расизам, екстремнодесничарски идеи и мизогинска реторика.
„Икс е платформа која повеќе не му служи на јавниот интерес, туку на одредени идеолошки и финансиски интереси на нејзиниот сопственик и неговите политички сојузници“, смета Север.
Генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез, ги повика сите подружници и организации кои ја бранат слободата на изразување да се префрлат на други платформи.