Европската инвестициска банка засега без коментар за кавгата Арсовска – ВМРО

Европската инвестициска банка сè уште нема дадено официјален став за продолжувањето на тендерот за изградба на пречистителна станица за реката Вардар, за што се судрија градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и директорот на Водовод, Златко Перински.
Градоначалничката ги избегнува медиумите, а Перински вели дека е невозможно да се сменат членовите на комисијата за оценување на тендерот, предложена од Град Скопје, по завршувањето на првата фаза. Тој вели дека обидите на Арсовска да ги смени членовите го загрозуваат тендерот и изградбата на Станицата.
Изградбата на станицата за третман на отпадни води е најголемата инвестиција на ЕУ во нашата земја. Овој проект чини вкупно 136 милиони евра и е финансиран од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и од Европската комисија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Според анализите на државните институции како и на невладиниот сектор, водата на реката Вардар во моментов е загадена од петта категорија и е неупотреблива дури и за наводнување во земјоделството. Затоа, неопходна е изградба на станица за филтрирање.
Од Центарот за јавно здравје велат дека е потребно подобрување на водата во реките во земјава.
„Потребно е да се подобри квалитетот на површинските води на реките, особено поради користењето на тие води за наводнување и внесување на опасни материи во храната и луѓето“, рече Бесим Зеќири, директор – Центар за јавно здравје.
Предуслов за изградба на станицата за чистење во Скопје е изградба на колекторски систем, големи цевки кои ќе ја собираат цела фекална канализација и ќе ја носат на чистење. Но и овој дел од проектот се одложува повеќе од две години. На десниот брег на реката Вардар, поточно во населбата Трубарево во општина Гази Баба, предвидена е изградба на пречистителна станица за отпадни води. Оваа станица се очекува да биде изградена на простор од 13 илјади хектари и треба да има капацитет за 500 илјади жители. Со изградбата на оваа пречистителна станица, реката Вардар треба да има за 90% почиста вода.
Мефаил Исмаили