Европската Комисија даде зелено светло за реформската агенда на Македонија
Европската Комисија даде зелено светло за реформската агенда на Македонија

Нов закон за судскиот совет со рок за усвојување до јуни 2025 година наместо негово целосно распуштање, се предвидува во реформската агенда на Северна Македонија за која пред два дена Европската Комисија даде зелено светло. Во реформската агенда Владата се обврзува пред Брисел дека реформите во судскиот совет ќе бидат согласно мислењето на Венецијанската комисија од септември 2023 година и според препораките на Оценската мисија на ЕУ од декември минатата година.
“Од клучно значење е консолидирањето на функционирањето на независен Судски совет преку усвојување на нов закон. Реформите во областа на борбата со корупцијата се соодветни и амбициозни, бидејќи имаат за цел да го поддржат континуираниот напредок во истрагите, кривичното гонење и конечните пресуди, вклучително и конфискациите, и да се справат со главните законодавни и регулаторни тесни грла преку ревизија и усогласување со европските стандарди”, се вели во Извештај на ЕК за Реформската агенда за Северна Македонија.
Иако во реформската агенда никаде не се споменува распуштање на судскиот совет туку се даваат предлози за реформи, актуелната власт досега ова го најавуваше како една од клучните точки за реформи во правосудниот систем. На прашањето кое го испративме до каде е оваа идеја, конкретно не ни одговорија, но посочија дека тие ќе продолжат да се залагаат за целосно трансформирање на судските органи во ефикасни институции.
„Со цел донесување на одржливо решение повикавме на расправа и побаравме инклузивност, за што до денес немаме таква состојба на повидок. Па оттука сосема логично е прашањето дали од распуштањето на овие институции има многумина загрижени субјекти? Како Влада сериозно сме посветени и остануваме на идејата за носење на решенија кои ќе бидат темел на едно нормално демократско општествено„, велат од Влада.
Во извештајот на Европската Комисија во кој се поздравува реформската агенда, стои и дека е многу значајно тоа што во новиот кривичен законик се враќаат делата злоупотреба на службена должност и злосторничко здружение, кои беа избришани минатата година со спорните измени на кривичниот законик. Во агендата покрај реформи во судскиот совет, најавени се и реформи преку законски измени кои ќе придонесат за подобрување на ефикасноста и во работата на јавните обвинители во земјава./Алсат.мк
Михаило Донев