Европската комисија поведе прекршочна постапка против Велика Британија

Европската комисија испрати формално писмо до Велика Британија за кршење на обврските од Договорот за повлекување, што практично значи почеток на формална прекршочна постапка.
Велика Британија има еден месец да одговори на писмото, објавено е во Брисел.
Европската комисија посочува дека Велика Британија претходно беше повикана да го повлече проблематичниот дел од Законот за внатрешен пазар до крајот на септември.
„Рокот истече вчера, проблематичните одредби не беа повлечени и Комисијата го започна првиот чекор од прекршочната постапка со испраќање на официјално известување до властите во Велика Британија“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
Брисел наведува дека и покрај овој чекор, тие ќе продолжат да работат на целосно и навремено спроведување на Договорот за повлекување на Велика Британија од ЕУ, јави Танјуг.