
И покрај обвиненијата од Специјалниот суд за претседателот Хашим Тачи и други високи водачи на ОВК, Европската унија се обидува да го продолжи дијалогот со Србија. Портпаролот на Европската унија за надворешна политика Питер Стано, дури рече дека дијалогот напредува со состаноци на ниво на експерти и на највисоко политичко ниво.
„Лидерите на обете страни, претседателот Вучиќ и премиерот Хоти, потврдија во заедничката изјава на 7 септември дека им даваат најголем приоритет на интеграцијата во ЕУ и продолжувањето на работата на дијалогот Приштина-Белград со посредство на ЕУ.“
Косовската Влада преку својот портпарол Антигона Баџаку соопшти дека нема причина да се прекине дијалогот. „Во дијалогот Косово-Србија, што се одржува во Брисел со посредство на Европската унија, Република Косово учествува за да ги реализира своите интереси, а не оние на Србија“, изјави Баџаку за агенцијата „Косовапрес“
Но, владејачкиот партнер на премиерот Авдулах Хоти бара итно прекинување на дијалогот. Имено, министерот за правда од редовите на партијата Алијанса за иднината на Косово, на последната владина седница наведе дека дијалогот треба да се прекине сè додека не се создаде некоја друга политичка околност.
Сметам дека првично Владата на Косово треба веднаш да го прекине дијалогот до некој друг момент. Понатаму, специјализираните комори прифаќајќи ги измислените досиеја и докази од тајната служба на Милошевиќ кои беа видени и во медиумите и сè додека не каже јасно дека ОВК не е организирана криминална група, тогаш кревкоста на националната безбедност на Република Косово се изразува.
И Самоопределување бара прекин на дијалогот.
Без оглед како ќе продолжи овој процес сметаме дека не треба да го води личност која нема легитимитет, нема политички кредибилитет и оти дијалогот со Србија треба да го води легитимна влада произлезена од гласот на граѓаните.
Специјалниот суд во четвртокот го потврди обвинението за некои од поранешните припадници на Генералштабот на ОВК, како Хашим Тачи, Кадри Весели и Реџеп Селими. Ден претходно беше уапсен и поранешниот портпарол на ОВК, Јакуп Красниќи. Поранешниот лидер на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, пред судот за првпат ќе се појави во вторник, а ден потоа Реџеп Селими.
Alsat