ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Европски пари за дупката во буџетот

Дел од дупките во државната каса владата реши да ги покрива со пари од европските фондови. Од Министерството за финансии за Алсат велат дека ја подготвуваат документацијата за формално барање до Европската Унија за финансиска помош и справување со последиците од енергетската криза и војната во Украина. Властите сметаат дека на овој начин до одредена мера ќе се заштити стандардот на граѓаните и ликвидноста на фирмите. Од ресорното министерство не откриваат колку пари побарале од Европа.

Advertisements

„Министерството за финансии работи на доставување на формалното барање за користење на Макрофинансиската поддршка од ЕУ за РС Македонија. Макро финансиската поддршка од ЕУ е инструмент кој РС Македонија веќе го користеше во 2020 година во услови на ковид-кризата и средствата беа наменети за буџетска поддршка“, велат од министерството за финансии.

Станува збор за инструмент на Европската унија преку кој се делат неповратни средства на држави кои не се дел од унијата, туку се кандидати или пак преговараат членство во европското семејство или пак се земји кои граничат со некоја од членките на Европската Унија.

Финансиска поддршка од страна на Европската унија Македонија доби и во претходните две години. Во две последователни транши од 80 милиони евра во 2020-та и 2021-ва година земјава доби 160 милиони евра за справување со ковид-кризата.

Од Министерството за финансии велат дека во „борбата“ со новонастаната криза во Европа ќе се одговори и со сет од 26 мерки кој тежи 400 милиони евра. Властите веќе најавија и ребаланс на буџетот кој драстично треба да го промени планот за трошење на јавните пари, а сè поизвесно е новото задолжување од над 600 милиони евра преку издавање на еврообврзница. Свежи пари владата ќе зајмува како од домашните така и од меѓународните финансиски институции.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button