Европскиот фронт со големи разлики во однос на изборните единици
Европскиот фронт со големи разлики во однос на изборните единици

Големи разлики меѓу партнерите во Европскиот фронт околу новиот изборен модел. Додека ДУИ е за промена на изборниот модел од шест во една изборна единица, лидерот на АА, Зијадин Села, категорично се спротивстави на оваа идеја, бидејќи според него, овој потег би го намалил бројот на пратеници Албанци.
„Ние сме против една изборна единица, ние сме за осум изборни единици затоа што тоа би донело развој. Ние сме против тоа поради демографските околности што ги имаме. Ние сме против тоа затоа што ниту еден албански политички субјект нема ширење на целата територија на Северна Македонија и затое е штетно и може да доведе само до намалување на бројот на пратеници Албанци. Ние сме за отворени листи, ние сме за дијаспората да гласа по пошта од своите домови и да го донесе гласот тука по пошта“, изјави Зијадин Села– претседател на АА.
Но, ДУИ не размислува како Села. Пратеникот Илир Хасани, рече дека се работи само за еден пратеник Албанец.
„Се работи само за еден пратеник Албанец, плус-минус“, рече Илир Хасани, пратеник на ДУИ.
Хасани рече дека партиските тела со години дискутираат за моделот со една изборна единица и изборен праг.
„Како дискусија, ДУИ со години дискутира за една изборна единица. Наскоро ќе донесеме и одлука за „понудата на премиерот“ што ја стави на маса за една изборна единица, но во таа изборна единица, да се вклучи и дијаспората“, нагласи Илир Хасани – ДУИ.
За разлика од сега кога ДУИ ја „прифаќа“ идејата на премиерот Мицкоски за една изборна единица, во 2019 година ДУИ беше против моделот со една изборна единица, дури и поднесе 5 илјади амандмани за да го блокира тоа.
„…..Симулациите покажуваат дека на Албанците им се нанесува штета со една изборна единица. Пресметките сте ги направиле со проекциите од последните анкети или со резултатите од последните избори, но не сте го предвиделе изборниот праг. Нема земја во светот со една изборна единица без изборен праг, без разлика дали е 3% или 5%“, изјави Бујар Османи – ДУИ.
И покрај изразените разлики во Европскиот фронт, Влен вели дека опциите за една, три или осум изборни единици се во фаза на дискусија.
„Со една изборна единица, секако, треба да има гаранција дека гласањето може да се спроведе на целата територија на Северна Македонија и дека нема да има нарушувања на етничката реалност, застапеноста во Собранието, а земајќи ги предвид сите овие аспекти, го градиме нашиот став дали ќе бидеме за една изборна единица, три или осум, бидејќи во Влен има политички партии кои во минатото имале свои анализи“, рече Билал Касами – ВЛЕН.
Покрај Мицкоски, конкретни предлози до Собранието за измени во изборниот законик поднесоа Либерално-демократската партија на Моника Зајкова и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов.
Зекирија Хаџиу