Европскиот сојуз за промени и Алијанса почнаа конкретна соработка
Европскиот сојуз за промени и Алијанса почнаа конкретна соработка

Европскиот сојуз за промени и Алијанса за Албанците почнаа да ја конкретизираат соработката. На средбата што се одржа меѓу Изет Меџити, Африм Гаши и Биљал Касами со претседателот на АА, Арбен Таравари, се разговараше за начинот на интегрирање на структурите на Алијанса во албанскиот опозициски Сојуз.
„Во следните денови ќе се формираат работни групи кои ќе работат на интегрирање на Алијанса за Албанците во нашата коалиција. Ќе се работи и на составување на програмата за изборната трка. Потоа ќе се финализира прашањето за кандидатот за претседател и листите со пратеници. Влегуваме во финална фаза каде што треба да се донесат големи одлуки“, рече Орхан Муртезани, портпарол на Алтернатива.
На синоќешната средба се зборувало и за заедничкиот кандидат за претседател на државата. Првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, рече дека понудата до него важи, но оти сè уште нема одлука.
„Всушност разговаравме на таа тема, но сè уште немаме конечна одлука. Понудата стои, но ќе видиме, ќе ја разгледаме во наредните денови. Сè уште нема одлука“, нагласи Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
На парламентарните избори на 8 мај албанската опозиција ќе оди со заеднички листи за пратеници, додека покрај кандидатите на Демократското движење, Движењето Беса, Алтернатива и Алијанса за Албанците, на листите ќе има и активисти од косовското Движење Самоопределување, но кои се државјани на С Македонија. Од друга страна, ДУИ и политичката формација на чело со Зијадин Села сè уште не одлучиле дали ќе имаат заеднички пратенички листи, вклучително и со некои други помали субјекти или ќе се приклучат на т.н. Европскиот фронт на СДСМ./Алсат.мк
Адриан Керими