
Лидерите на Европската Унија се состанаа во четврток (17 октомври) во Брисел за да разговараат за нерегуларната миграција со која се соочува Унијата, различните ставови за конфликтот на Блискиот Исток и континуираната поддршка за Украина разурната од војна.
Миграцијата е спорно прашање во Унијата со години.
Во ситуација кога во неколку земји од ЕУ се бележат низа изборни успеси на екстремно десничарските партии и во услови на променет безбедносен амбиент, одредени земји заземаат се порестриктивни позиции, пишува ДПА.
Полска неодамна објави планови за привремено суспендирање на правото на азил, обвинувајќи ги Русија и Белорусија дека испраќаат мигранти на границата на Полска, која е и надворешна граница на ЕУ, со цел да се дестабилизира ЕУ и да се поткопа нејзината безбедност.
Германија повторно воведе гранични контроли на другите земји-членки на ЕУ по смртоносниот напад со нож во западниот град Солинген и откако екстремно десничарската опозициска партија Алтернатива за Германија (АфД) постигна големи резултати на регионалните избори.