Европско знаменце за 5 закони за коридорите 8 и 10д

5 закони коишто се во врска со изградбата на коридорите 8 и 10Д ќе се носат со европско знаме, информираше на денешната прес конференција, првиот заменик на претседателот на Владата, Артан Груби. Како што кажа тој, Владата на денешната седница усвоила пет предлог-закони кои ќе бидат доставени до пратениците, поврзани со изградбата на коридорите, а со кои треба да се надмине блокадата на предлог-измените на осум закони кои беа предложени од пратеници на владејачкото мнозинство.
“Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брза, поевтина и квалитетна изградба на автопатиштата, Владата на денешната седница усвои пет предлог закони коишто ќе ги достави до пратениците. Со оглед на фактот што ЕУ го додаде на мапата на европски коридори и Коридорот 8, како и неговото геостратешко значење, заедно со Коридорот 10 и кракот 10Д, одлучивме законите да се предложат со европско знаме“, рече Груби.