„Фајнанс Тинк“: Неизвесноста во економијата останува присутна и во четвртиот квартал

Неизвесноста во економијата останува присутна и во четвртиот квартал од годинава поради тековниот бран од пандемијата, забавувањето на темпото на имунизација и појавата на нови соеви на вирусот, како и поради притисоците од растечките цени на храната и енергијата, кои се очекува да бидат присутни и во текот на следната година, оценува „Фајнанс Тинк“ во најновиот макроекономски извештај.
„Фајнанс Тинк“ ја задржува проекцијата за растот на БДП за годинава на 4,1 проценти, а проекцијата за следната година според нив е 4 проценти.
Во извештајот се анализира и растот на БДП од 3 проценти во третиот квартал од годинава. Според „Фајнанс Тинк“, ваквиот раст се должи на консолидацијата на економските текови и напредувањето на имунизацијата, но сепак, како што посочуваат, растот е остварен на се уште ниска споредбена основа од третиот квартал од 2020, во кој економијата се намали за 5,1 процент по владината интервенција за ублажување на ударот од пандемијата.
– Според дејности, растот во третиот квартал од 2021 е на широка основа, но со забележлив пад на преработувачката индустрија (-5.8%), поради изразените неизвесности во глобалната и домашната економија, сврзани со растечкото влијание на делта сојот од Ковид-19 и забавувачкото темпо на имунизација кон крајот од кварталот. Според тоа, и бруто инвестициитесе задржаа на нивото од пред една година (0.4%), додека извозот и увозот забележаа забавен раст (4.1% и 2.7%, соодветно).Јавната потрошувачка порасна за 4.9%, што е особено висок раст во контекст на намерата за фискална консолидација, но е во линија со продлабочувањето на буџетскиот дефицит со јулскиот ребаланс на буџетот (од 4.9% на 6.5% од БДП), се наведува во извештајот.