ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Факултетот за здравствени науки на Мерко неможе да запишува студенти

Факултетот за здравствени науки на Мерко неможе да запишува студенти

На факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет на Мерко нема да може да запишува студенти, ниту ќе може да започне со работа се додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми, иако на власта во заминување и се брзаше да му даде дозвола.

„Првата поднесена студиска програма за здравствена нега (медицинска сестра/медицински техничар) од Факултетот за здравствена нега на Меѓународниот Универзитет во Струга, на седницата на Одборот за акредитација на високото образование на 06.06.2024 година е ОДБИЕНА, односно е донесена одлука со која не се акредитира студиската програма за медицинска сестра/медицински техничар, бидејќи не ги исполнува законските услови“, велат од Одборот за акредитација на високо образование.

Министерот за образование Шаќири кој го потпишал решението за исполнетост на условите за почеток со работа на високообразовната институција вели дека тоа го сторил откако добил извештајот на комисијата во МОН. Оваа комисија за кратко време ги завршила сите процедури. Таа била формирана на 7 јуни, само четири дена откако Универзитетот се обратил до министерството со барање дека факултетот ги исполнува условите за почеток со работа. На 10 јуни била на увид во Струга, а веќе на 11 јуни одлучила позитивно.

„Како и за повеќе други факултети, така и за овој – Факултет за здравствени науки каде ќе има тригодишни студиски програми за медицински сестри, а не студии за доктори, по доставениот извештај од страна на комисијата во МОН, потпишав Решение за исполнетост на условите за почеток со работа високообразовната установа. Ништо противзаконски и ништо самоволно“, изјави Јетон Шаќири-министер за образование.

Весна Јаневска, која најверојатно ќе биде новата министерка за образование за Алсат најавува ревидирање на целиот процес на отворање на приватни универзитети кој според неа треба да запре. Таа не ја исклучува можноста дека дел од нив може и ќе треба да престанат со работа. Ревидирање на работата на целиот Универзитетот бара и Арбен Таравари кој се споменува како најсерозен кандидат за здравство.

„Дел од нив ќе мора да ги редуцираме, односно дел од нив ќе треба да престанат со работа“, изјави Весна Јаневска-ВМРО ДПМНЕ.

„Не се работи само за медицински факултет, се работи за повеќе факултети во склоп на тој универзитет на Мерко. И јас мислам дека треба да се ревидира комплет универзитетот дали легално функционира и работи И задача повеќе ќе биде на министерство за образование, да утврди дали работи и ги исполнува сите стандарди“, рече Арбен Таравари-Алијанса за Албанците.

Од МОН велат дека поради потребата од повеќе здравствени работници во државата, Владата во изминатиот период поддржала повеќе иницијативи за основање на нови единици во состав на неколку високообразовни установи кои ќе реализираат студиски програми од соодветната област.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button