Фараонот Рамзес Мерко – локалниот владетел на Струга
Фараонот Рамзес Мерко – локалниот владетел на Струга

Рамиз Мерко или поинаку познат како локалниот шериф на Струга за четири мандати на позицијата градоначалник создаде империја за себе и за своето семејство. Секој негов мандат граѓаните го паметат по разни скандали, а тоа на крајот го доведе во црната листа на американскиот Стејт департмент. Мерко за време на своите мандати беше истакнат по великодушно давање под концесии на плажите во Струга. Иако неколку пати беше предупредуван од институциите, тој секогаш изјавуваше дека е домаќин на куќата и во Струга тој ги прави законите.
Неговите активности што го доведоа до црвената линија што сега го одвојува од океанот вклучува и дозволи за нелегални градби, нивна заштита со порака до институциите: „Не можете да уривате толку што можеме да градиме“.
Најпознат случај е доделувањето дозвола за спортско-рекреативно игралиште кое на крај заврши како ресторан за свадби, лоциран на брегот на Охридското Езеро.
На Мерко, како да не му беше доволна локална власт, па нозете ги испружи и во судската власт. Неговиот збор беше последен за секој избор на обвинител или судија во Струга, што се потврди со прислушувањата што пред неколку години ги објавуваше поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Поради големиот број јавни набавки и недомаќински трошења со купување автомобили за општината, Мерко во 2019 година под сомневање за нетранспарентност стана предмет на антикорупциска истрага, но препораките на Комисијата никогаш не беа преточени во обвиненија за злоупотреба на службената должност или злоупотреба на јавни средства.
Пред да заврши со својот прв мандат како градоначалник на Струга, Мерко се погрижи за проширување на бизнисот во областа на образованието. Во 2007 година го отвори „Еуро Колеџ“, а во 2008 година Министерството за образование и наука раководена од Перо Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ доби дозвола да работи како Меѓународен универзитет во Струга. Овој храм на знаењето се соочи со обвинувања поради законски прекршувања за неакредитирање на студиските програми и за сè уште недокажани сомневања за експресно доделување дипломи преку политички и финансиски интервенции, како и усвојување на програми без пропишаните законски согласности. Во целата оваа ситуација десна рака на Мерко беше актуелниот министер за образование, Јетон Шаќири.
Рамиз Мерко, во последно време се истакна и со тоа што излезе против питачите во градот Струга и апелираше да се убиваат кучињата скитници, бидејќи според него, тие се најголема опасност за градот.
Мерко е втор човек од ДУИ кој е на црната листа на САД, по пратеникот Џават Адеми кој беше ставен во листата уште во 2001 година, а трет на проевропскиот западен фронт, бидејќи во група со него е и Мендух Тачи, како претседател на ДПА.
Адриан Керими