ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Фетаи ги избегна повиците на Алсат да одговори до каде е законот за правична застапеност

Фетаи ги избегна повиците на Алсат да одговори до каде е законот за правична застапеност

Веќе три месеци вработувањето во државата се прави без никаков механизам кој би гарантирал правична застапеност на етникумите. Но, од Владата не се загрижени, дури и вицепремиерот Арбен Фетаи, кој е доста гласен за иницијативите на ВРЕДИ, со денови ги избегнува медиумите, околу предлагањето на Законот за правична и соодветна застапеност. Фетаи, уште пред да се укине балансерот, вети дека во октомври ќе започне јавна расправа за овој закон кој требаше да го замени овој инструмент.

Advertisements

“Овој предлог закон во оваа фаза е готов, ќе видите следната недела ќе иницираме јавна расправа во врска со усвојувањето на законот за правична и соодветна застапеност”, рече Арбен Фетаи, заменик-премиер.

Сепак, содржината на овој закон е доста важна и од интерес за граѓаните, се чува како да е строго доверлив документ. АЛСАТ со месеци инсистира барем на појаснување на главните цели и принципи на законското решение, меѓутоа најчестиот одговор на Фетаи е ист – се приближуваме кон крајот, многу наскоро нацртот ќе биде готов.

„Посакувам и се надевам дека во текот на следната недела ќе дојдеме до конечниот нацрт во рамките на работната група, и потоа ќе го дефинираме календарот со идеја дека во јануари ние како извршна власт ќе ја завршиме нашата работа и ќе го доставиме нацрт-законот во рацете на законодавниот дом за понатамошна работа“, нагласи Арбен Фетаи, вицепремиер.

Тоа беше првата недела од јануари кога Фетаи сакаше и се надеваше дека конечниот предлог ќе биде договорен и календарот дефиниран, но наместо тоа, Фетаи дури и свика прес-конференција, не за да објави дека е договорена конечната верзија на законот, туку да објави дека има состанок на експертската група за да се разговара за последната фаза.

„Во финална фаза сме, со денешната средба посакувам да го најдеме конечниот договор и консензус во рамките на коалициската влада, и потоа да ја продолжиме постапката на законот и многу скоро да го објавиме јавно и да ја започнеме законодавната постапка по договорот на политичко ниво“, додаде тој.

Сега, откако помина третата недела од јануари, нема информации дали е договорена конечната верзија. Алсат, неколку пати го повика Фетаи да даде информации околу целите и принципите на законот, но тој не одговара на нашите телефонски повици. Според премиерот Христијан Мицкоски, конечниот нацрт договор меѓу партиите за Законот за правична и соодветна застапеност, пред да биде изгласан во Собранието, ќе биде испратен до Венецијанската комисија на мислење, со цел да не биде отфрлен од Уставниот суд. Ова значи дека ќе биде потребно дополнително време за да се почека до донесувањето на законот, имајќи предвид дека мислењето од Венецијанската комисија, во случајот со законот за јазиците, траеше повеќе од една година. Сепак, ситуацијата со предметниот закон е поинаква, бидејќи додека не се усвои, нема да постои инструмент или механизам за заштита на етничката застапеност при вработувањето во државните институции. И покрај ова, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ јавно изјавија дека не брзаат со процесот на донесување на овој закон и вработувањата ќе се засноваат на меритократија./Алсат.мк

Суад Бајрами

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button