Фетаи го напушти Таравари и порача дека нема да дозволи враќање на ДУИ
Фетаи го напушти Таравари и порача дека нема да дозволи враќање на ДУИ

Заменик-премиерот Арбен Фетаи, висок функционер на партијата на Таравари – Алијансата за Албанците, се огласи по неколкудневно молчење и шпекулации. Тој порача дека, како и пред една година кога храбро одлучиле да ги предводат промените, и денес ја имаат истата храброст. Во видео-порака, Фетаи уверува дека патот на Алијансата за Албанците не води преку Али Ахмети.
„Членството зборува. Граѓаните зборуваат – гласно, јасно, со барање за правда и чиста насока. Ви велам денес, со целосна убеденост: Јас сум тука, на страната на секој што не го прифаќа понижувачкото предавство на нашата надеж. Нема да дозволиме ДУИ да се врати како ништо да не се случило. Мора да се соочат со вистините што ги избегнуваат веќе две децении. Ова не е за поединецот – тука се работи за нашето заедничко достоинство. Мојот глас е вашиот глас. Гласот на Алијансата што не се предава, не се продава и не се плаши. Ние сме гласот на патот на Арбен. А тој пат никогаш не води преку Али Ахмети, ниту преку никого што не им мисли добро на Албанците“, рече Арбен Фетаи, заменик-премиер.
Покрај Фетаи, денес се огласи и пратеникот Салим Сулејмани, кој поднесе оставка од сите партиски функции во Алијансата, како и од пратеничката функција во Собранието. Тој ова го соопшти преку објава на Фејсбук, во која наведува дека одлуката ја донел поради, како што вели, отстапувањето на Алијансата за Албанците од целите за кои се приклучиле на коалицијата ВЛЕН.
„Приближувањето до ДУИ во пресрет на локалните избори претставува сериозно отстапување од принципите за кои се залагавме. Оваа политичка соработка е прекршување на нашите ветувања и на претставувањето што го заслужуваат албанските граѓани. За мене ова е неприфатливо, бидејќи не можам да бидам дел од алијанса што се формира од теснопартиски интереси и со луѓе што се спомнуваат на меѓународни црни листи поради тешки афери“, рече Салим Сулејмани, пратеник.
Со неговата оставка, местото пратеник го презема следнатапратеничка на листата – Валбона Адили Емини, која доаѓа од редовите на партијата на Касами, исто така дел од коалицијата ВЛЕН. Оваа промена ја доведува во прашање можноста партијата на Таравари да формира пратеничка група, бидејќи остануваат само 4 пратеници, а за тоа се потребни минимум 5. Оставката на Сулејмани ја поздрави и Зеќирија Ибраими од ВЛЕН. Тој преку објава истакна дека Сулејмани го покажал своето достоинство и покрај материјалните притисоци.
„Секој барем еднаш во животот добива шанса да го покаже своето достоинство и покрај материјалните интереси, да дејствува во име на праведна и моралната кауза. Денес тоа го направи пратеникот Салим Сулејмани. Нашето општество сè уште има чесни луѓе. Затоа – ВЛЕН!“, рече Зеќирија Ибрахими, ВЛЕН.
Да потсетиме, вчера од партијата на Таравари се повлече и Азир Алиу, кој најави дека ќе продолжи соработката со ВЛЕН и со Владата. Тој нагласи дека следењето на патот на Таравари и повлекувањето токму сега би значело отстапување на простор за старите структури на ДУИ. Во меѓувреме, Арбен Таравари во кратка објава на социјалните мрежи, пред изјавата на Фетаи, напиша:
„Вистинската моќ е народот. Се гледаме во октомври – тоа е многу блиску.“/Алсат.мк
Ајнур Бафќари