Фетаи и Рустеми избрани за виши обвинители

Унапредени пет поранешни обвинители на Специјалното обвинителство. Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми се избрани за виши обвинители, а Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов од сега ќе гонат организиран криминал и корупција. Во Вишото обвинителство влегува и шефот на скопското обвинителство Сашо Рајчев, а до изборот на нов главен обвинител на ОЈО Скопје ќе биде назначен вршител на должност.
ВИШТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО:
ФАТИМЕ ФЕТАИ
БУРИМ РУСТЕМИ
СНЕЖАНА БУНДАЛЕВСКА ГЕОРГИЕСКА
НАУМ ПАНОВСКИ
САШО РАЈЧЕВ
ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА ГОНЕЊЕ НА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ:
ЛИЛЕ СТЕФАНОВА
НАТАША ПОП ТРАЈКОВА
АРТАН АЈРО
ТРАЈЧЕ ПЕЛИВАНОВ
КАТЕРИНА КОЛАРЕВИЌ
Листата на избрани обвинители, Алсат ја објави уште вчера. Првиот човек на Советот тврди дека немало политички притисоци за унапредување, иако четворица од членовите на телото кое ги именува, унапредува и разрешува обвинителите доаѓаат од партиите.
„Не е само во рацете на јавните обвинители донесувањето на одлуката, туку по законот се делегираат и луѓе од страна кои не се јавни обвинители, коишто полноправно учествуваат во изборот. Политички ставови и мислење воопшто не беа апсолвирани од мене, ниту пак некој од членовите на Советот кажал таква работа дека му бил вршен притисок евентуално од политички партии. Еве лично за мене можам да кажам дека никој не изврши никакво влијание во однос на изборот“, рече Ацо Колевски, претседател на Совет на јавни обвинители.
Истовремено додека се избираа обвинителите, судскиот совет гласаше за нови шест судии кои завршија Академија за судии.
„Сите шест кандидати имаа конкурирано и за во Граѓанскиот и за во Кривичниот суд. Па така, Советот одлучи истите кандидати да бидат распределени во Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје“, рече Миљазим Мустафа, потпретседател на Судски совет.
Во Судскиот совет не се пријавил ниту еден кандидат за да суди во Берово, Крушево и Виница.
Игор Стефановски