СПОРТФУДБАЛ

ФФМ добива нов претседател: Муамед Сејдини си поднесе оставка!

Фудбалската Федерација на Македонија ќе добие нов претседател, бидејќи Управниот Oдбор на вонредна седница ја прифати оставката на доскорешниот прв човек Муамед Сејдини.

Advertisements

На седницата попладнево веднаш по натпреварот меѓу Македонија и Фарски Острови, Управниот Oдбор го направи очекуваното, ја прифати оставката на Сејдини чиј мандат секако истекуваше во март.

Исто така, закажано е и изборното собрание за 22 декември и на него се очекува да биде изгласан новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија.

До изборното собрание во декември Сејдини ќе остане на претседателската функција и ќе го доработи започнатото. Сејдини ја потврди оставката и на своите социјални мрежи.

“После седум извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Одлуката е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, после период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал. Заедно со вас, испишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второ место во квалификациската група за Светско првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со пласман во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА.

Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, членовите на Управниот одбор и секој љубител на фудбалот. Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22. декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник. Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години”.

Со почит и благодарност, Муамед Сејдини

 

Муамед Сејдини седна на претседателското столче во ФФМ во 2018 година, по заминувањето на Илчо Ѓорѓиевски. Претходно четири години беше вицепретседател. Во неговото „владеење“ Македонија за првпат играше на едно големо натпреварување, Европското првенство, а исто така и бараж за Мундијалот во Катар.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button