ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Филипче: Ако овие мерки не дадат резултати ќе има карантин

Инфективните одделенија забрзано се пополнуваат низ целата држава. Вчера без слободни места останале Куманово, Струмица, Велес и вкупно 18 пациенти со ковид-19 биле препратени во болниците во Скопје. Министерот Венко Филипче вели дека пoследниве денови повеќе пациенти се примаат во болниците, отколку што се испишуваат. На скопската Инфективната клиника има уште 10 слободни кревети, а на чекор до активирање е монтажната болница.

Advertisements

„Модуларната болница до Инфективната клиника е подготвена и таа може да биде во функција. Имаме и кадар кој што е подготвен да ја менаџира работата физички на пациентите кои ќе бидат сместени тука. Опремата е веќе таму, таа може веднаш може да биде во функција“-рече Венко Филипче – министер за здравство.

Освен пополнетост на капацитети, проблем е и заминувањето на докторите и медицинските сестри од инфективните одделенија на државните клиники во приватните болници.  Една докторка од Инфективната клиника дала отказ, а дефинитивно заминуваат и трите сестри кои не ги разубедила и средбата со министерот. Најава за заминување има и од шефицата на инфективното одделние во болницата „8 септември“.

„Овие доктори се сосема доволни, но, подготвени сме да интервенираме со системот на ротација доколку треба кое било одделение да се поддржи. Разговарав, дел од нив се преморени, дел од нив имаат некои други причини, тоа е навистина тешко да јас точно да го кажам“-изјави Венко Филипче – министер за здравство.

Министерот верува дека мерките како што е носење маска на отворено, ограничување на четворица гости во домовите со цел да се избегне групирање ќе дадат резултат. Мерките треба да поминат на владина седница најдоцна до вторник. Ако бројките на заразени не се намалат, предвидени се и дополнителни рестрикции како намалување на бројот на патници во јавниот превоз и ограничување на угостителските објекти. Целта е да се избегне карантинот.

„Јас искрено верувам дека овој предложен пакет на мерки, рестрикција, зголемување на ингеренциите на инспекторатите, меѓутоа и континуираниот апел на граѓаните дека треба да се придржуваат до овие мерки и се практично клучна алка во овој синџир, ќе даде резултат. Следниот чекор е целосен карантин, целосно затворање. Ние сме сега сè уште далеку, ама полека ги исцрпуваме можностите.“-истакна Венко Филипче – министер за здравство.

Филипче бара помош  и од граѓаните. Вели дека секој е сам на себе и инспектор и полицаец и дека без поединечната свест, системот нема да може да се справи со есенскиот бран на ковид-19.

АЛСАТ

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button