Филипче: Граѓаните да се пријават на vakcinacija.mk, тоа е најсоодветниот и најбрз начин

Граѓаните треба да се пријават на сајтот vakcinacija.mk и оттука се генерираат приоритетите. Ќе добијат или СМС порака или меил или двете во форма на известување и согласно тоа ќе бидат закажани во соодветен пункт во соодветно време, изјави министерот за здравство Венко Филипче, откако денеска пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“ со кои од по празниците треба да стартува масовна имунизација.
Тој апелира граѓаните да се пријават на vakcinacija.mk, истакнувајќи дека тоа е најсоодветниот и најбрз начин за пријавување. Сега, како што рече, има поголема количина на вакцини и повеќе пунктови на располагање, а дневно ќе се вакцинираат од 10 илјади до 15 илјади лица.
За месецов најави уште 600.000 вакцини од Кина, односно околу 500.000 дози „Синовак“ и 100.000 дополнителни дози „Синофарм“, како и 26 000 дози од „Фајзер“. Се уште нема точен термин за тоа кога и колкава количина ќе стигнат од руските вакцини, а станува се понеизвесно пристигнувањето на вакцините на „АстраЗенека“ имајќи ја предвид состојбата со вирусот во Индија.