ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Филипче најави нови вакцини за крајот на месецов, ама точниот датум не се соопштува

Министерство за здравство нема конкретен датум кога Македонија ќе добие нова пратка на вакцини. Претходно министерот Венко Филипче најави дека до крајот на овој месец ќе пристигнат 20.000 вакцини директно од „Фајзер“ и најмногу уште 25.000 од „Астра Зенека“ преку ковакс-механизмот. Со она што го имаме на располагање, односно 3.000 дози од руската „Спутник“ и донацијата од Србија од околу 8.000 дози на „Фајзер“, се спроведува и ќе продолжи имунизацијата единствено на здравствените работници.

„Процесот за испорака на вакцини преку Ковакс механизмот е започнат. За точниот датум на пристигнување во нашата земја јавноста ќе биде навремено информирана. Поради зголемување на бројот на хоспитализирани пациенти и потреба од дополнување на кадарот во инфективните одделенија, во моментов е во тек и ќе продолжи имунизацијата на здравствените работници кои работат со ковид пациенти“, велат од Министерство за здравство.

Иако земји како Данска, Норвешка, Италија и Исланд превентивно ја запреа вакцинацијата со „Астра Зенека“, поради сомневања за згрутчувања на крвта, Светската здравствена организација е на став дека нема причина оваа вакцина да се суспендира. И Европската агенција за лекови оцени дека „Астра Зенека“ нема врска со случаите на згрутчување на крвта. Нашите здравствени власти велат дека внимателно ги следат препораките.

„Дел од земјите ја продолжија вакцинацијата со Астра Зенека, како Германија и Франција, а Шпанија воопшто ја нема прекинато. Дел од земјите привремено ја стопираа вакцинацијата. Нашата земја ќе ги следи насоките и препораките на Европската медицинска агенција и Светската здравствена организација и ќе постапува согласно новите препораки“, велат од Министерство за здравство.

Во меѓувреме, се бара итен состанок и меѓу земјите – членки на Европската Унија околу распределбата на вакцините. Со заедничко писмо, Австрија, Бугарија, Летонија, Словенија и Чешка бараат од Брисел да има поправична распределба на вакцините и во Унијата.

Алсат

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button