Филипче: Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата

Раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата, изјави на прес-конференција лидерот на СДСМ Венко Филипче, откако амбасадорите на државите-членки на ЕУ вчера донесоа одлука Албанија да ги продолжи преговорите и да се раздвои од Северна Македонија на патот кон Европската Унија.
-Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување на втората фаза за преговори со ЕУ и отворање на првиот Кластер. Раздвојувањето е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал по оваа нова пропуштена шанса, ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација, рече Филипче, додавајќи оти „ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“.