ЕКОНОМИЈА

Финансиска полиција одзеде докази од Државна лотарија

Финансиската полиција изврши контрола во дирекцијата за Државна лотарија во рамки на истрагата за предметот вреден 2,6 милиони евра. Информацијата без повеќе детали ја потврдија од Финансиската полиција. Истрагата се однесува на изнајмување на објект кои според истражувањата на Радио слободна Европа и неделникот „Фокус“,бил поврзан со луѓе блиски до функционери на ДУИ, поточно синот на пратеникот Исмаил Јахоски. Актите за закуп од 10 години ги потпишал директорот на Државната лотарија, Перпарим Бајрами.

Од Управата за финансиска полиција кусо соопштија дека се одземени документи кои би можеле да претставуваат доказен материјал, но без да дадат повеќе информации поради чувствителноста на истрагата.

Државната лотарија неодамна беше во фокусот поради законските измени донесени набрзина на предлог на владата со кои се отвора пазарот за онлајн коцкање. Со одлука на Владата формирани се три нови акционерски друштва кои ќе ги контролираат игрите на среќа, а во Одборот на Државната лотарија и во новата Видеолотарија се поставени партиски луѓе кои главно се вработени во министерството предводено од Артан Груби.

Опозицијата неколку пати предупредуваше за нерегуларности и местење на тендерот, а против законското решение беа и здруженијата за игри на среќа. Според нив, Владата го отворила пазарот за како што велат „бугарското подземје“. И покрај тоа што државната лотарија ги негираше овие наводи, некои домашни компании се повлекоа од тендерот бидејќи веруваат дека е наменет за бугарски мафијаш кој е на црната листа на САД.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button