Финишира процесот на избор на обвинители кај Русковска и во Вишото скопско обвинителство

Во Советот на обвинители пристигнати се оценките на обвинителите кои аплицираа за работа во Обвинителството за организиран криминал и корупција и Вишото скопско обвинителство. Кандидатите кои не се задоволни од оценката која има улога во изборот во рок од осум дена имаат право на жалба. Откако ќе заврши овој процес, Советот на обвинители ќе треба да свика седница и да го направи конечниот избор за пет места во обвинителството на Вилма Русковска и пет места во Скопското вишо обвинителство.
„15 обвинители конкурирале за 5 места во Обвинителството за организиран криминал, 33 обвинители конкурирале за 5 места во Вишото скопско обвинителство“
Доекипирањето на тимот на Русковска со пет нови обвинители го овозможи новиот Закон за обвиителство. Но Русковска неколкупати потенцираше дека огласот не се однесува за поранешните специјални обвинители кои по згаснувањето на СЈО се вратија во матичните обвинителства. Посочи и дека нема да имаат приоритет во однос на останатите обвинители кои сметаат дека ги исполнуваат условите да работат на предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата.
На огласот на кој беше објавен есенва се пријавија поголем дел од поранешните обвинители од тимот на Катица Јанева. За работа кај Русковска не конкурираа обвинителите Ленче Ристовска и Стефчо Донев а кандидатурата пред конечниот избор и по оценувањето ја повлекол и Гаврил Бубевски. Дополнително дел од обвинителите кои работат во обвинителството за организиран криминал и корупција аплицирале во Вишото скопско обвинителство.
Бојан Стојановски