ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Фирмите од металургијата лути на Владата – „за нас нема никакви мерки“

Државата не само што доцни со мерки за спас на металопреработувачката индустрија, туку нив сè уште ги нема, се жалат од секторот. Велат дека во услови на тешка криза, нивните фирми тешко ќе продолжат да опстојуваат на пазарот. Станува збор за индустрија која вработува повеќе од 6.000 лица, а индиректно последиците ги чувствуваат и голем број други компании кои соработуваат со нив.

„Не само што доцнат, туку и ги нема мерките. Малку е селективно дадено. Разбираме дека треба повеќе на индустријата која е повеќе прехранбена, меѓутоа ако оваа базична индустрија не се поддржи, импактот којшто го има, а кој ако се гледа за една година од сега, ќе биде многу поголем, отколку она што може да се претпостави…“, рече Марија Дуковска Павловска-генерален директор на Макстил.

Дополнителен проблем се високите сметки за струја. Најкритични им биле месеците август и септември кога дури 70% од трошоците отпаѓале на трошоци за струја.

„Не сакаме да одиме кон намалување на вработени… Процесот на производство го прилагодуваме да работиме повеќе во ноќни часови или во часови кога електричната енергија на берзите е пониска…“, додава Дуковска Павловска.

Во криза е и земјоделскиот сектор во земјава. Само цената на ѓубривата е зголемена за 200%.

„Тоа делумно е поради енергенсите, делумно поради кризата во Украина. Русија е голем извозник на неколку макроелементи во делот на исхраната на растенијата…“, рече Благој Муканов, експерт за земјоделство.

Муканов вели дека по Нова година можеби ќе има стабилизирање на цените на пазарот, но нивно враќање на ниво од претходно сигурно нема да се случи. Сите овие ставови беа изнесени на економски самит кој се одржува во Охрид.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button