СВЕТ

Фон дер Лајен: 2025-та мора да биде година на напредок во процесот на проширување на ЕУ

Оваа 2025 година мора да биде година на напредок за сите оние земји опфатени со процесот на проширување на Европската Унија, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, што се одржува во Брисел.

– Сакам да испратам јасна порака, 2025 година мора да биде година на напредок за сите оние земји кои се на нивниот пат заснован на заслуги кон пристапување во нашата Унија. Комплетирањето на нашата Унија е во наш основен интерес и тоа ќе биде основен приоритет во следните пет години, истакна Фон дер Лајен.

Таа потенцира и дека Европа ќе ја заштити својата економска и национална безбедност, но при тоа е важно да постигне вистински баланс и да се подготви за сите можни сценарија.

– Тоа секако е случај кога станува збор за САД, земја со која имаме најсилни врски. Трансатлантското партнерство беше камен темелник на мирот и просперитетот во најдобриот дел од векот. Споделуваме многу исти преокупации за регионалната стабилност или за глобалната економија. Ниту една друга економија во светот не е интегрирана на толку напреден начин, рече Фон дер Лајен.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button