Фон дер Лајен од Скопје ја започнува балканската турнеја

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утре од Скопје ја започнува балканската турнеја. Како што веќе истакнаа од Брисел, таа ќе ја пренесе пораката дека ЕУ останува посветена на европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Покрај европерспективата на регионот, се очекува Фон дер Лајен да објави и економски пакет-мерки за Западен Балкан. Пакетот би се состоел од финансиска поддршка за справување со енергетската криза. Претседателката на Комисијата веројатно ќе информира и за одлуката на ЕУ да го вклучи Западен Балкан во заедничката набавка на гас и други енергенси заедно со земјите-членки, што ќе ја намали конкурентноста меѓу државите од регионот на енергетскиот пазар. Според најавеното, Фон дер Лајен утре ќе одржи заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, во седиштето на Мисијата на ЕУ во земјава. Поради посетата, во среда и четврток во Скопје на сила ќе биде посебен сообраќаен режим. Од Скопје, Фон дер Лајен патува за Приштина и Тирана, а потоа ќе ги посети и Сараево, Белград и Подгорица.