ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Фон Дер Лајен утре во посета на Скопје

Шефицата на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен во Скопје, ќе сподели детали од намерите на Брисел за реформа на Унијата, вклучително и за забрзувањето на процесот на проширувањето – ова е оценката на првиот човек на Евротинк, Димитар Николовски. Сепак, според него, Фон дер Лејен во земјава ќе испрати и порака за усвојување на уставните измени, што би овозможило непречено закажување на Втората меѓувладина конференција и отворање на преговарачките поглавја за Македонија.

Advertisements

„Конкретно за нас, ќе ги повтори пораките дека мора да се донесат уставните измени и да се продолжи со реформите како досега, но и да се зајакне борбата против корупцијата и организираниот криминал. Мислам дека самата посета на Фон дер Лејен нема да произведе некакви промени овде во ставовите на политичките партии околу уставните измени“, вели Димитар Николовски – Евротинк.

Според Николовски, потенцијална можност за прифаќање на уставните измени е евентуалното преговарање меѓу партиите околу датумот за одржување на парламентарните и претседателските избори. Тој додава дека во меѓувреме, Фон дер Лејен ќе ја потенцира важноста од најавените реформи во самата Европска Унија – особено најавата дека Брисел би можел да започне да ги носи важните одлуки со квалификувано мнозинство, а не едногласно, како што е досега.

„Најголемата промена која се очекува е да се премине на квалификувано мнозинство при отворањето и затворањето на поглавјата во преговорите. Тоа за нас секако, како Македонија, е многу добро и пожелно затоа што ќе се намали можноста за нови вета, барем додека трае процесот, а и да се задржи самиот моментум на реформите во некоја потенцијална опасност од нови или изменети барања од Бугарија“, додава Николовски.

Говорејќи за 2030 година како прв рок за проширување на Унијата со нови членки, Николовски вели дека ова е реална можност. Тој додава дека дотогаш самата ЕУ ќе биде подготвена за прием на нови земји-членки на техничко ниво, но не може да се каже со сигурност дали ќе има подготвеност за нови членки и на политичко ниво.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button