
Првите три недели од 2025 година се показател за промената во глобалната политика и влеговме во нова ера на сурова геостратешка конкуренција, каде имаме работа со сили со големина на континент, кои се ангажираат меѓу себе главно врз основа на интереси, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на дебатата во Европскиот парламент посветена на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ.
„Оваа нова динамика се повеќе ќе доминира во односите меѓу глобалните актери. Правилата за ангажман се менуваат. Можеби на некои во Европа не им се допаѓа оваа нова реалност, но ние мора да се справиме со неа. Нашите вредности не се менуваат. Но, за да ги одбраниме, мора да се променат некои работи“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, за да ги заштити своите интереси и вредности ЕУ мора да биде економски силна. Таа се осврна и на цените на енергенсите, кои, како што рече, во Европа се структурно повисоки отколку во САД или Кина и значително се разликуваат низ ЕУ.