ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Француски клуч за ветото – интрига или реалност?

Македонската јавност е информирана дека разговорите со Софија сѐ уште се водат врз основа на португалскиот предлог, а извори упатени во процесот неофицијално велат дека има „француски предлог“.

Советници од француското Министерство за надворешни работи, а потоа и советник од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон, во изминатиот период биле на средби во Скопје и Софија, тврдат за Дојче Веле дипломатски извори. Овие средби во дискреција не се третираат како изненадувачки, со оглед дека француското претседателство со Советот на ЕУ се ближи кон крајот, а сѐ уште траат напорите да се обезбеди зелено светло за почеток на пристапни преговори на Северна Македонија (и Албанија) со ЕУ, пишува Дојче Веле.

Но, вчерашните шпекулации на бугарската агенција Бгнес, која се повикува на разговори од Коалицискиот совет на 27-ми мај меѓу партнерите во бугарската влада, ја кренаа темпратурата во земјава. Медиумот објави дека претседателот и премиерот на Бугарија, Румен Радев и Кирил Петков, заедно со претставник на бугарското МНР ќе одат на средба со францускиот претседател, за да го одобрат предлогот на Емануел Макрон за укинување на ветото за преговорите на РСМ со ЕУ. Бгнес објави изјава на неименувано лице дека за време на разговорите во Коалицискиот совет „од Владата информирале дека француското претседателство ветило оти ќе ги вклучи сите бугарски барања во преговарачката рамка и дека нивното спроведување ќе го гарантира самиот Макрон“.

„Испраќањето” на претседателот и премиерот кај Макрон, весникот „24 часа“ го оцени како невистинито, со став дека тоа е „нечија интрига, но не е јасно кој е нејзиниот автор“. Весникот се повика на извори од бугарската влада, кои изјавиле дека „не може да стане збор за заедничка средба на Петков и Радев“.

Невидливиот француски предлог

Домашни извори упатени во разговорите меѓу Скопје и Софија, за ДВ неофицијално велат дека постои т.н. француски предлог, при што за македонската страна е битно билатералните прашања да останат надвор од преговарачката рамка, а за бугарската страна е важно да има гаранции на она што евентуално би се договорило меѓу Софија и Скопје. Досега домашната јавност немаше сознанија дека постои наводен „француски предлог”, ниту што предвидува тој, со оглед дека во изминатиот период властите тврдеа дека се разговара врз основа на португалскиот предлог.

Од власта нема коментар на медиумските шпекулации во Бугарија, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека немаат никаква информација.

„Немаме информации за евентуален француски предлог. За жал ниту има било каква информација од страна на владата во Македонија, за разлика од која, бугарската на пример, го информира тамошниот државен врв за секој понатамошен чекор, барајќи консезус. Најнепосакувано сценарио би било дел од бугарските барања да станат дел од преговарачката рамка“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачев: Гаранција да биде преговарачката рамка! 

Но, од политички кругови во Бугарија доаѓаат токму такви барања, а во контекст на шпекулацијата за наводната средба кај Макрон. Европратеникот Андреј Ковачев, кој е заменик-председател на ЕНП, порача дека Бугарија не може да прифати како гаранција ниту една усна или писмена декларација од името на претседателот на Франција, Емануел Макрон, ниту на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен или кој било друг, бидејќи тоа не е никаква гаранција.

„За нас гаранција може да биде само ако нашите точки од Рамковната позиција и од Декларацијата на бугарскиот парламент, како и елементите од Договорот за пријателство и добрососедство, бидат вклучени во преговарачката рамка, која ќе биде прифатена од сите земји-членки“, изјави бугарскиот европратеник за Бгнес.

Во меѓувреме во Софија расте впечатокот дека се под засилен надворешен ангажман за укинување на ветото. Европратеникот од групата на социјалистите, Петар Витанов, вели тоа го заклучил од неговите меѓународни средби во последните недели.

„Вистината е, дека има многу големи очекувања и затоа има сериозен притисок врз нашата земја. Но, дури и премиерот и владата да имаат голема желба да го симнат ветото, тоа не може да се случи, бидејќи владата ќе падне ако нема суштински пробив во односите меѓу двете земји“, изјави Витанов во интервју за „Еуроњуз“.

Извор: Дојче Веле

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button