Фрчкоски поднесе оставка од функцијата амбасадор во ООН во Њујорк

Постојаниот претставник на Македонија во ООН во Њујорк, амбасадорот Љубомир Фрчкоски поднесе оставка. Тој за ова ги информирал претседателката Гордана Силјановска – Давкова и Министерството за надворешни работи.
Професорот Фрчкоски очекува оставката да биде усвоена и да биде разрешен од Функцијата со Указ на Претседателката, како што е и назначен.
На прашање на Либертас дали тоа и како ке се одрази на работата на Мисијата на РСМ во Њујорк Фрчкоски одговори:
“Не мислам дека на било каков начин тоа ке се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата која и до сега работела само бирократско-технички. Но има, за жал, шанса да се направи голема штета и срам за државата во една конкретна смисла и по повод еден конкретен случај. Имено, Македонија предложи проект во ООН кој беше прифатен прв пат во својата историја на членство кој се вика “Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“. Проектот по наша иницијатива е прифатен и му е одреден буџет (што е многу ретко во ситуација на финансиска криза во ООН ) во одделот кој го води Г-ѓа Алис Ндериту, Под-Секретар и Специјална советничка на Генералниот Секретар на ООН за Превенција од Геноцид (The United Nation Office on Genocide Prevention and the Responsibility to Protect – OSAPG)“.