Фридом Хаус: Македонија е рангирана како хибриден режим

Македонија и годинава е хибриден режим. На оваа позиција според „Фридом хаус“ земјава е од 2013 година. Во најновиот извештај „Нации во транзиција“ на „Фридом хаус“ на скала од еден до седум, генералната оценка за земјава е иста како и ланската и изнесува, 3,82. За демократско вледеење земјава има оценка од 3,5, за изборен процес 4,25, за граѓанско општество 5,25, за независни медиуми и судство оценката е иста – 3,25, додека оценката за корупција изнесува 3.
„Оваа година, за првпат во 21. век, форма на управување што преовладува во регионот на нации во транзиција е хибриден режим. Четири демократии паднаа во оваа сива зона откако непрекинатиот период на демократски пад започна во 2004 година: Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Во истиот период три авторитарни режими направија демократски чекори и се приклучија во редот на хибридни режими: Молдавија, Косово и сега Ерменија“, наведуваат од Фридом Хаус.
Во извештајот е наведено иако овие земји можат да имаат демократски избори, сепак нефукнционалните институции не се во состојба да ги испорачаат демократија, како што се проверките, балансот, владеењето на правото и цврстата заштита на правата и слободите.
„Фрудом хаус“ нотира и дека кризата дава можност да се преиспита процесот за пристапување во Европската Унија.
„Блокот треба конечно да ги започне пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, притискајќи ја Бугарија да се откаже од приговорите за кандидатурата на втората земја. ЕУ, исто така, треба да го забрза разгледувањето на апликациите за членство поднесени од Грузија, Молдавија и Украина…“, нотира Фридом Хаус.
Од регионот, Словенија има најдобра оценка 5,71. Земјава има идентична оценка со Црна Гора, а е подобро рангирана од Србија, Албанија и Босна и Херцеговина.
Игор Стефановски