Функционерите преферираат каубојско однесување наместо етика и морал

Министрите и другите функционери во земјава се повеќе подготвени да платат казни отколку да го почитуваат етичкиот и моралниот кодекс за однесување при извршувањето на службените должности, оценува вицепремиерката за креирање добри политики Славица Грковска. На прашањето како ќе постапат со поднесокот на Антикорупциската комисија, која утврди дека вицепремиерот Артан Груби ги злоупотребува просторите на Министерството за политички систем за партиски активности, Грковска рече дека сè уште не го добиле.
Според Грковска, почитувањето на етичкиот и моралниот кодекс е процес и затоа однесување на функционерите не се менува преку ноќ. Пред една недела Антикорупциската комисија соопшти дека има докази оти Артан Груби ги злоупотребува просториите на министерството за партиски цели и овие докази ќе ги достави до вицепремиерката Грковска. Станува збор за фотографии и линкови од Фејсбук страницата на ДУИ каде може да се види дека во просториите на министерството партискиот лидер Али Ахмети се среќава со странски претставници.
Антикорупциската комисија претходно достави поднесоци и за други функционери на ДУИ. Неодамна за министерот за надворешни работи Бујар Османи оваа комисија утврди дека злоупотребувал службени возила за партиски активности, а во МНР нема никаква контрола како се трошело за гориво за определени возила.
Мефаил Исмаили