ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Галичица полна со дивоградби, еколозите го вклучија алармот

Врие од дивоградби во Националниот парк Галичица кај Охрид. Регистрирани се повеќе од 500 такви градби, за кои биле поднесени барања за легализација од страна на сопствениците. Некои од нив се приоритетни за уривање, бидејќи се наоѓаат во зоната на активно управување, односно во зоната на строга заштита, каде не може ниту да се легализира, ниту да се дозволи нова градба.

„Некои се доградба, надградба, нова градба, ѕид, тераса, сите видови на градежни зафати. За поголем дел паркот поддржува да не се легализираат. Приоритетни за рушење, до работната група доставивме 28 објекти, кои инсистираме да бидат урнати бидејќи се во зона на строга заштита. Најчесто се работи за викенд куќи“, вели Андон Бојаџи-Национален парк Галичица.

Екологистите предупредуваат дека сегашната ситуација во паркот со нелегалните градби е штетна за целиот регион.

„Голем дел од тие дивоградби се и цели куќи, дали за туризам или за живеење и тие се градени во подолг временски период. Можеби некои не се приклучени на канализација и испуштаат вода во септичка јама. Така што тоа ги става во подредена положба другите граѓани, кои имаат легални градби и кои живеат и остваруваат приходи од туризам, но за тоа плаќаат“, рече Ѓоко Зороски, еколог.

Проблем е и бавната реакција на останатите институции. Секогаш кога ќе регистрирале нелегална градба, од паркот пријавувале до општинскиот градежен инспектор, Јавното обвинителство и правобранителство.

„Иако објектот се гради во моментот, гледаме дека се гради, тој што го гради фатил бројче, кога стапи на сила законот за легализацијата. Како било возможно, да земе бројче, а во моментот немал изграден објект. Ако веќе е почната постапка за легализација, инспекторот вели додека не се заврши таа постапка, нема што да се постапува. Не ми е и мене јасно зошто не постапува обвинителство“, доадава Андон Бојаџи-Национален парк Галичица.

УНЕСКО, им даде рок на македонските власти уште две години, да се справат со посочените препораки од нивна страна, ако сакаат регионот околу Охридското езеро, да не се најде на листата на загрозени подрачја..

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button