Ганиу и Касами: Нема ништо незаконско во организацијата за посетата на Албин Курти

Градоначалниците на двете општини кои во последниве три дена се во фокусот на реакциите по посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Чаир и Тетово, велат дека сè околу организацијата било легално. Првиот човек на општина Чаир, Висар Ганиу вели дека реакцијата на претседателот Стево Пендаровски била избрзана и како претседател не бил правилно информиран од неговите советници. Пендаровски пред два дена побара органите да ја преиспитаат законитоста на постапките за преименување на споменатата улица.
„Таа процедура помина и во општинскиот совет овде во општина Чаир, исто така во Советот на Град Скопје во времето на Петре Шилегов и тоа го промовиравме неколку пати низ годините. Дали советниците на СДСМ гласаа за тоа? Сите гласаа за тоа. Ова им го кажувам со целосна одговорност. Но, ми се чини дека на владиниот кабинет не му се допадна што г-ин Курти не се сретна со другите. Јас не се мешам во агендата на Курти. Направивме директна покана, како и за Вјоса Османи, така и за господинот Курти“, вели Висар Ганиу, Градоначалник на општина Чаир.
Кабинетот на претседателот Пендаровски, кабинетот на премиерот Ковачевски и некои партии реагираа за употребената иконографија, интонирањето на албанската химна и други симболи при посетата на Курти и концертот во Тетово, велејќи дека има елементи на поттикнување на меѓуетничка нетрпеливост.
„Ги разбираме владата и претседателот, но и сите оние кои реагираа во Македонија, како и оние од Белград за загриженоста бидејќи за првпат на тетовскиот плоштад после долго време, дојде голема маса народ за да пречекат премиер на пријателска земја на Северна Македонија, втора земја со албанско мнозинство. Нив повеќе ги загрижи тоа што на плоштадот беа присутни и лидерите на обединетата албанска опозиција, која сега се консолидира и ѝ ги одбројува последните денови на оваа власт“, рече Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.
Ганиу и Касами велат дека не чувствуваат одговорност за поттикнување нетрпеливост и се подготвени да сносат одговорност во случај ако се докажат евентуални прекршоци.
„Нека покажат каде има непријателско поттикнување во Чаир од нас кои сме организатори. Знаете дека лед екранот, знаете како е уредена бината, ги знаете говорите што се одржаа, беше отворен за сите жители и немаше момент за да кажеме дека имало подбуцнување“, рече Ганиу.
„Тие ги имаат безбедносните институции под контрола, ја имаат полицијата, ја имаат истрагата, сите од денеска нека почнат истражни постапки за што е надлежна општина Тетово за дотичната организација и ние сме тука да дадеме отчет. Цениме дека целата организација беше во рамките на законот, но она што беше надвор од нивните очекувања е големиот број на луѓе кои излегоа на плоштадот“, рече Касами.
Во петокот во земјава престојуваше и премиерот на Косово Албин Курти, кој во Чаир присуствуваше на свеченото промовирање на новото име на улицата „Адем Демачи“. Во Тетово пак, повика да се забрза изградбата на патот Тетово-Призрен и учествуваше на концерт. Курти се сретна само со политичари од опозицискиот блок, а со ниту еден од редовите на власта.
Фатлуме Дервиши