Генчовска бара прашањето за Бугарите да се реши пред преговорите

Одново разминување во ставовите на официјалните лица во Софија за можностите за надминување на спорот и деблокирање на евроинтегративниот пат на земјава. Откако премиерот Кирил Петков понуди Бугарија да даде зелено светло за почеток на преговорите, под услов Бугарите да станат дел од Уставот пред отворањето на првото поглавје, бугарската шефица на дипломатија Теодора Генчовска повтори дека овој услов треба Скопје да го исполни што поскоро, не сакајќи да ги коментира зборовите на премиерот.
„Тоа е услов од Декларацијата на Народното собрание и беше потврдено од Консултативниот совет за национална сигурност. Во оваа фаза е важно овој услов да се исполни пред започнување на преговорите. Не знам какви сигнали дал тој, но ова е нашиот став“, вели Генчовска.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, не одговори конкретно дали е прифатлив предлогот на Петков, но го коментираше генерално разногласието во Бугарија.
„Не може политичка борба во соседна држава, земја-членка на Европската унија и популистичко-националистички реторики да бидат пречка за зачленување на држава, којашто има четири последователни Извештаи за отпочнување на првата Меѓувладина конференција“, рече Ковачевски.
Од Софија, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји истакна дека е разочаран што прашањето за преговорите со Македонија и Албанија се уште е тема на разговор.
„Бев тука пред три недели и ќе доаѓам колку и да е неопходно за оваа работа да се заврши до јуни годинава, зашто војната ни покажува дека немаме време за губење“, рече Вархеји.
Вархеји присуствуваше на форумот „ЕУ и Западен Балкан“ во Софија, каде гостуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Османи кажа дека за отворените политички прашања меѓу двете земји засега нема заеднички прифатливо решение. Инаку, по Софија, еврокомесарот Вархеји утре пристигнува во официјална посета на Скопје.
Лука Андреев