
С Македонија беше најтешко погодена земја на европскиот пазар од високите цени, призна денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. Но, тој вели дека од октомври минатата година кога инфлацијата беше 19,8%, сега е 6,6%, и се очекува да падне уште пониско до крајот на годината. Бесими нагласи дека од април имало зголемување на платите и во јавниот и во приватниот сектор, но постојаните економски, финансиски и енергетски кризи веќе четврта година по ред влијаат врз животниот стандард на граѓаните.
Глобалната финансиска криза ги погодува и големите економии. Германија како двигател на европската економија оваа година е во рецесија. Но, претставникот на германските бизниси во земјава, Антје Ванделт, рече дека германската рецесија нема да влијае на трговската размена меѓу двете земји. Таа посочи дека трговската размена во 2022 година изнесувала 4,8 милијарди евра и во споредба со последните 10 години е тројно зголемена.
„Македонија е многу значајна како пазар за снабдување во глобалниот синџир бидејќи производите во Македонија кои доаѓаат од германски инвестиции се со додадена вредност, имаат ултра-модерна технологија и се користи многу напредна техника. Квалитетот што овој пазар го нуди е поврзан со висококвалитетниот и добро квалификуван кадар“, вели Антје Ванделт, претставник на германските бизниси во МК.
Се разбира, користа од оваа трговска размена е многу поголема кај Германија чии компании го реинвестираат стекнатиот капитал, искористувајќи ги владините мерки за даночно ослободување кај нас. Според властите, економијата на земјава останува сиромашна и многу зависна од европскиот пазар. Околу 80% од нашата трговија се ориентирани кон Европската унија, а половина од тоа, само со Германија.
Аднан Ќаили