ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Германските криминалистички експерти сѐ уште не го испратиле извештајот за пожарот во модуларната болница

Еден месец по пожарот во модуларната болница во Тетово, Обвинителството уште нема утврдено евентуална човечка грешка. Освен за тоа дека можната причина за пожарот е прегреан продолжен кабел на кој биле приклучени дефиблиратор, полнач за мобилен телефон и уште еден парат, други аспекти од предистражната постапка за пожарот засега нема. И германски експерти од Федералната криминалистичка полиција на средина од септември, направија увид во болницата. Иако досега се очекуваше нивниот извештај да ги покаже нивните согледувања за настанатиот пожар, него го нема.

Алсат испрати прашања до Бундескриминалот, но не добивме конкретен одговор во врска со извештајот, ниту дали е завршен, ниту што утврдиле.

„Федералната канцеларија за криминалистичка полиција беше побарана од македонската влада за поддршка во врска со пожарот во македонскиот град Тетово. Барам од вас разбирање дека не можеме да дадеме дополнителни информации за полициската постапка“, наведоа од таму.

Иако Владата побарала помош, оттаму сега креваат раменици за извештајот. Не кажуваат ниту дали се во комуникација со Федералната криминалистичка полиција, откако премиерот Зоран Заев нивниот извештај го најави за две, а поминаа речиси четири недели по нивниот увид.

„Германските експерти за крим – техника и форензика беа поддршка на истрагата што ја води Јавното обвинителство. Оттаму, извештајот ќе биде испратен во ЈО како институција врз која Владата нема надлежност“, наведоа од Владата.

Обвинителството уште го нема извештајот на германските крим – техничари.

„Интензивно се постапува, се прибираат сите материјални и вербални докази…“, рекоа од Обвинителството.

Опозицијата од редовите на Албанците бара одговорност за случајот.

„И до ден денес сè уште нема ниту морална, ниту правна одговорност. Многу се зборуваше за истраги, меѓународни експерти, но се уште немаме епилог од овие истраги. Денес слободно можеме да констатираме дека политизираното судство и хибридниот режим на СДСМ и ДУИ, ги потврдија сите наши предупредувања“, рече Аднан Незири, Алијанса за Албанците.

Ноќта на 8 септември до темел изгоре модуларната болница во Тетово, а во пожарот животот го загубија 14 лица, од кои 12 ковид – пациенти.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button