Гир-Политиката да го остави судството независно да си ја врши работата

Политиката да се тргне од правосудството, Владата и политичките партии да покажат волја дека се подготвени за тоа, но и судиите дека се подготвени независно да ја вршат својата работа. Ова денеска го изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Вие може да ја имате најдобрата Оценска мисија во светот со одлични препораки, но зависи од политичката волја на Владата и на партиите, како и од волјата на судиите дали на судството ќе му биде дозволено да си ја врши работата,“ изјави Гир во интервју на новинската агенција МИА.
Тој додаде дека Делегацијата внимателно ги следи случувањата од изминативе месеци во Судскиот совет, и е многу загрижена за нив.
„Обврската на Судскиот совет е да ја заштити независноста, професионалноста и интегритетот на судиите, но некои од настаните во Судскиот совет покажуваат дека Советот не може да го направи тоа. Па, како знак на нашата загриженост, затоа што овој орган е клучен кога станува збор за владеењето на правото, одлучивме да испратиме оценска мисија“,објасни Гир.