Гир: Процесот за интеграција во ЕУ да се искористи за придвижување на реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор

Реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се далеку од завршени. Процесот за интеграција во ЕУ, што сега добива моментум по отворањето на преговорите и носи дополнителни барања што се поврзани со заштитата на човекови права и основни слободи, треба да се искористи ова со цел да се движат реформите, бидејќи на овој начин ќе се овозможи добро владеење и јавна доверба во институциите во овој многу чувствителен сектор, како и во други сектори. Дополнителни напори и волја се потребни од страна на Владата, Парламентот и политичките партии и другите чинители, не само поради процесот за преговарање со ЕУ, туку пред се заради интересите на граѓаните.
Ова го нагласи евроамбасадорот Дејвид Гир на годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026) во организација на женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), што се одржува денеска во Скопје.
– Надзорот и контролата на безбедносните и разузнавачките служби и нивната реформа е комплексна работа, меѓутоа е многу важен процес. Парламентот претставуваше посветен партнер во овој процес. Ние очекуваме постоечкото законодавство за следење да биде променето, со цел комисиите за надзор во Парламентот да функционираат подобро и Советот за граѓански надзор да биде целосно функционален. Создавањето „заштитена соба“ треба да се случи без понатамошно одложување, истакна Гир.