Гир: Стартот на преговорите за членство останува главен приоритет за ЕУ
Стартот на преговорите за членство и со Северна Македонија и со Албанија останува главен приоритет за ЕУ. Фокусот сега е на постигнување договор меѓу земјите членки за преговарачката рамка, додека истовремено Софија и Скопје работат со цел постигнување договор за билатералните прашања, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на отворањето на амбасадорската тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс“, во организација на Советот на амбасадори.
Гир нагласи дека нема магична топка за да знае што ќе се случува претстојнава година, но изрази уверување дека без разлика на се ЕУ ќе остане покрај нас и ќе помогне на секое ниво и секој наш чекор од патот.
Во своето обраќање, евроамбасадорот Гир, исто така, го поздрави новиот интензивен контакт меѓу Бугарија и Северна Македонија, за кој посочи дека дава „свеж поттик за билатералните врски“ и дека ЕУ ги поддржува и Софија и Скопје да го искористат моментумот за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за постојните билатерални прашања, со што ќе се отвори патот за што е можно побрзо одржување на првата меѓувладина конференција.
– Отворањето на преговорите ќе биде пресвртница за евроинтеграциите на државата. Ќе означи интензивирање на практичните напори на Северна Македонија за усогласување со европското законодавство и стандарди. Многу од одговорностите ќе ги понесе Владата, но ќе бара и структурно и експертско вклучување во процесот на преговори, додека истовремено ќе се продолжи со реформите. Партиите од опозицијата ќе треба да продолжат со конструктивен придонес, особено преку работата во Парламентот, додека Собранието ќе треба да ја зајакне својата улога, како форум за конструктивна политичка дебата, особено за ЕУ реформската агенда, истакна Гир.