Гир: Целта е да се отворат преговорите до декември, и таа цел не се менува

Кога говориме дека реформите се во интерес на граѓаните тоа не е реторика. Целта е да се отворат преговори што поскоро во надеж дека тоа ќе биде до декември и таа цел не се менува. Граѓаните сакаат да видат зајакнување на владеење на правото, сакаат намалување на корупцијата, чист воздух, просперитет, така што сметам дека ова не е само реторика, туку е важно, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање дали Комисијата има план што потоа доколку не се отворат преговори со С Македонија и Албанија, или ќе се задржат на реториката дека реформите се прават во интерес на граѓаните.
– Јасно е дека има одлука да се почнат преговори. И сите треба да се потрудат да работиме на тоа. Сега се надеваме до крајот на годината и во иднина и да продолжиме со работа како што се отвораат групи поглавја, како што се водат преговорите, но не сакам да шпекулирам што ќе правиме за година или две. Сега се концентрираме да го реализираме ова до крајот на годината, истакна Гир на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров за презентирање на Извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија.
Гир повтори дека реформите наведени во Извештајот треба да се спроведат во контекст на процесот на европска интеграција и да и помогнат на земјата да воведе стандарди и практики кои граѓаните во ЕУ ги очекуваат од своите влади и кои ги очекуваат и од ЕУ.