Гир за референдумот: Не треба да се усложнува европскиот пат

Идентитетските прашања не се дел од преговорите за членство со Унијата, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, во интервју за Алсат, кое ќе се емитува во утрешните вести. Прашан за уставните измени и најавата за референдум, Гир одговори дека доколку е јасен стратешкиот избор, односно членство во Унијата, тогаш не треба да се усложнува зацртаниот пат. Евроамбасадорот вели дека претстои скрининг кој ќе ги анализира предизвиците, а бенефит од процесот ќе имаат граѓаните.
„Би сакал да гледаме на тоа како да сме во семејство и да речеме дека вашиот брат или сестра ќе се венча. Така што, ќе имаме нов член во семејството и одеднаш вашиот интерес за таа личност се зголемува. Веќе ја познавате и имате добри односи, но ќе ве интересира повеќе – кои се, што ќе донесат, какви им се вредностите, каква им е визијата и како ќе се вклопат во семејството. // Ако ова е стратешка цел на земјата, а тоа е на самата земја да одлучи, тогаш треба да се прашаме кој е најдобриот начин тоа да се постигне. Овој договор овозможи отворање на преговорите, веќе започна скринингот и тој процес ќе продолжи. Да, навистина ќе треба промена во Уставот, тоа е суверена одлука, но досието на земјава со меѓуетничките односи е веќе добро и ова ќе биде зацврстено и понатаму… Но, големото прашање е околу стратешкиот избор. Ако стратешкиот избор е за Европската унија, тогаш треба да се прашаме зошто дополнително да се усложнува тој пат кој е веќе јасно отворен“, вели Гир.