
Позитивна дискриминација меѓу мажите и жените треба да има во однос на старосната граница за заминување во пензија. Ова е ставот на Кристина Ампева од здружението Гласен текстилец кое се бори за заштита на правата на вработените во текстилниот сектор. Според неа, жените вработени во текстилните фабрики заслужуваат бенифициран стаж и треба да се пензионираат со навршени максимум 58 години.
„Не може жена до 62 или до 64 години да биде на работно место. Посебно не во текстил каде што имате разни професионални заболувања. Не треба да се гледа на старосна граница, бидејќи голем дел од жените имаат над 40 години работно искуство и мораат плус да чекаат старосна пензија што не е фер“, вели Кристина Ампева Гласен текстилец.
Инаку, јавноста го знае податокот дека жените со навршени 62 години заминува во пензија, како што тоа го прават мажите две години подоцна. Но, актуелниот Закон за пензиско и инвалидско осигурување вели дека и жените работат до 64 години, но можат да побараат од работодавачот во пензија да заминат две години порано, односно на 62 и тоа мора да им биде овозможено.
Власта уште во предизборието најави пензиска реформа, но засега не излегува со детали во јавноста.
Неколку пати премиерот Зоран Заев даваше изјави на оваа тема, но не објасни детално дали жените и мажите ќе заминуваат во пензија на иста старосна возраст. Фатмир Битиќи кој е одговорен за економските политики во владата пред два дена изјави дека нема да има намалување на старосната граница за пензионирање, но во пензиските реформи ќе има изедначување на годините за пензионирање на мажите и жените. Најмалку информации досега може да се добијат од ресорното Министерство за труд и социјала, иако тие треба да се главниот креатор на законските измени.
Иле Петревски